• 15
    Shares

Од пред десетина дена на екс министерот Миле Јанакиески му е укинат притворот за случајот „Титаник“, а укината му е и забраната да комуницира со останатите обвинети во случајот, но и со сведоците. Оваа одлука ја донел Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

-Од пред десетина дена ми е укинат куќниот притвор за „Титаник“, рече Јанакиески, одговарајќи на прашањето на судијата Осман Шабани, на денешното рочиште за случајот, за тоа какви мерки има и за кои предмети.

Адвокатот на Јанакиески, Еленко Миланов ни ја потврди информацијата, објаснувајќи дека аргументите за ваквата одлука биле дека не може за Јанакиески да има две паралелни мерки куќен притвор, бидејќи домашен притвор му е одреден и за истрагата за „27 април“, предмет на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Покрај куќниот притвор, Јанакиески за овој случај има уште една мерка а тоа е забрана за кoмуникација со останатите осомничени. Или во превод, тој не смее да му се јавува, да му пишува смс пораки или мејлови на неговиот поранешен шеф Никола Груевски, како и на сопратијците Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Никола Бошковски.

Но, од друга страна пак значи дека отсега слободно ќе може да комуницира со обвинети во случајот на СЈО „Титаник“, како и со сведоците, кои допрва ќе треба да сведочат.

Денешното рочиште за случајот „Титаник“ се одложи, поради отсуство на судијата Огнен Ставрев. Судењето е во фаза на изведување на материјални докази, а за неколку рочишта ќе треба да почнат и сведочењата на сведоците предложени од СЈО.