• 31
    Shares

Семејната компанија на пратеникот Крсто Мукоски остварила огромни приходи од државни тендери за време на актуелната власт, покажуваат документите до кои стигна „Економски Лидер“, преку вкрстени проверки во Бирото за Јавни Набавки, УЈП и Централниот Регистар.

Додека Мукоски беше во притвор за настаните од 27 април, документите говорат дека семејната компанија на пратеникот, прилично добро соработувала со власта и добила три солени тендери од кои последниот е пред помалку од еден месец. Главните локации за бизнис им биле Струмица и Град Скопје.

Фирмата „АЛТУМ ДОО Вевчани“ која е во сопственост на фамилијата на пратеникот, вкупно за време на владеењето на Зоран Заев и СДСМ, од државни институции добила нешто над 10 милиони денари, односно 165.729евра. Последните државни пари ги добиле пред помалку од еден месец, од Центарот за Развој на Југоисточниот плански регион – Струмица, од каде примиле над 100.000 евра.

Тендерите на фирмата на фамилијата Мукоски за време на владеењето на СДСМ и Зоран Заев

„АЛТУМ ДОО Вевчани“ е градежна компанија, која е основана во 2008 од пратеникот Крсто Мукоски кој гласаше „За“ уставни измени со цел промена на уставното име. Историјатот во Централниот регистар, покажува дека во 2014, кога станал пратеник, Крсто Мукоски ја препуштил компанијата на неговиот татко Милан Мукоски кој е сопственик и неговиот брат Бобан Мукоски, кој е управител.

 

Амнестија во замена за глас „За“!

Против Крсто Мукоски е поднесено обвинение за тероризам во настаните од 27 април, каде што тој се товари затоа што наводно им ги отворил вратите на демонстрантите кои влегоа во собранието.

Тој е еден од 8-те пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа „За“ уставни измени во Собранието. На денот на гласањето, Игор Јанушев генерален секретар на партијата од која сега Мукоски е исклучен, посочи дека Собранието е претворено во пазар, на кој се уценуваат и поткупуваат пратеници.

– Структури на власта, и структури кои одработуваат за оваа власт вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија. Собранието се претвори во пазар, и арена на притисоци, закани и уцени. Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе. Ќе споменам неколку примери, на еден пратеник му се понудени еден милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени, на друг пратеник му се понудени два милиони евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена, се работи за нашата татковина – рече Јанушев.

Веднаш по гласањето „За“, Мукоски се огласи заедно со останатите 8 колеги со соопштението во кое побараа амнестија за настаните од 27 април и одредени гаранции за идентитетот во уставните амандмани.

Документи:

Документ 1: Договор со Центарот за развој на Југоистичниот плански регион, вредност: 7.120.133,00 денари (115.000 евра), добиен на само 4 дена пред референдумот – линк

Документ 2: Договор со Општина Сопиште, вредност: 581.472 денари (9.454 евра) – линк